Филиповска-Грашкоска: Намален е бројот на издадени решенија за изолација

Во периодот од 21-ви декември до 27-ми декември од страна на седумте инспекциските служби, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спроведоа вкупно 5.200 надзори и контроли.  

Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 112 надзори, врз основа на кои изрече 8 решенија и издаде вкупно 6.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на коронавирус и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус, што е за ¼ помалку од претходната недела кога се издадоа 9.065 решенија за изолација.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 3.864 контроли и 462 надзори. При спроведените надзори, изречени се 32 прекршочни пријави и 62 решенија за констатираните неправилности, како и 43  прекршочни платни налози. Од вкупниот број решенија, 13 решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за 7 угостителски објекти во Скопје и по 2 угостителски објекти во Гостивар, Тетово и Струга, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за 4 лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози.

Споредбено со периодот од 14-ти до 20-ти декември, бројот на затворени угостителски објекти е зголемен за 50 %.

За време на новогодишната ноќ, но и за празниците што следат, Државниот пазарен инспекторат во соработка со МВР, ќе продолжат со зајакнатите заедничките контроли во угостителските објекти. Ќе се постапува и по пријава или по сознание добиено за собири и доколку се утврди дека навистина се случува организиран настан, ќе се преземат соодветни мерки согласно законите.

Во истиот период, Инспекторатот за транспорт изврши 49 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: 6 прекршочни пријави, 2 решенија и 2 прекршочни платни налози. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, минатата недела не се констатирани прекршувања, односно непочитување на протоколите за превоз на патници.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите 7 дена изврши 361 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрече 9 решенија и 11 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, 2 решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места  за што и се издадени 9 ППН  за 9 лица заради неносење на заштитна маска на работно место.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 21 надзори во аптеки и веледрогерии по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона. При тоа, издадени се 2 решение согласно Законот за лекови и медицински помагала.

Агенцијата за храна и ветеринарство, изврши 290 надзори, при што издадени се 8 решенија, 10 едукации и 2 ППН, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање, чување и означување на производи.

Државниот инспекторат за животна средина , во текот на минатата недела изврши вкупно 41 надзори. При тоа, за констатираните неправилности од областа на животната средина инспекторите донесоа 3 решенија со задолжувања за подобрување на работата на правните субјекти.

Апелираме за одговорно празнување и сериозно сфаќање на протоколите и мерките за заштита од коронавирусот за време на празниците. Секој, кој преку себични постапки ќе се обиде да го загрози јавното здравје ќе биде неселективно санкциониран. Теренските активности продолжуваат како и досега. Воедно ги повикуваме и охрабруваме сите граѓани да ги пријавуваат непочитувањата на протоколите во наредните денови.