Филипини: Најмалку 42 лица загинаа во налетот на тајфунот Вамко


Најмалку 42 лица загинаа, а 20 се водат за исчезнати во поплавите предизвикани од тајфун Вамко на Филипините, соопштија тамошните власти.

Војската, полицијата, крајбрежната стража и спасувачките екипи спасија десетици илјади луѓе заробени во вода и кал.

Многумина избегаа преку покривите на своите домови, а некои апелираа за помош преку радио и ТВ станици и социјалните мрежи.

Спасувачките акции сè уште траат иако водата се повлече, а времето се расчисти.

Новиот тајфун го погоди денеска филипинското копно, неколку недели откако во налети на два тајфуна загинаа десетици луѓе и поплавија големи земјоделски посеви.

Повеќе од 400.000 луѓе беа евакуирани пред ударот на тајфунот, а најмалку 3,8 милиони домаќинства останаа без електрична енергија. Институциите не работат, а наставата од денеска е прекината.