Филипче: Зибери не е политички разрешен


Министерот за здравство Венко Филипче ги отфрли наводите од Арбен Зибери дека разрешувањето било со политичка позадина и се случило во моменти кога неговиот чичко е кандидат за прв премиер Албанец.

– Никој не смее политички да поентира на едно сензитивно прашање, рече на денешната прес конференција министерот за здравствово врска со разрешувањето на директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери.

На обвинувањата дека политички е мотивирано разрешувањето Филипче вели дека тоа не е вистина.

„Апсолутно сакам да го демантирам тоа. Разрешувањето следи после неговата изјава во однос на работата на Комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, кои работеа водејќи се од професионални принципи. Сметам дека апсолутно никој не смее да политизира, ниту да добива политички поени на едно такво сензитивно прашање“, рече Филипче.

Разрешувањето на Зибери, вчера го најави министерот Венко Филипче откако тој се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат на избори за премиер Албанец.