Филипче за журките: МВР да спроведе истрага, младите да ги почитуваат мерките


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче, попладнево реагираше на споделените фотографии и видеа од забави со масовно присуство во ноќни клубови, кои не смеат да работат во моментов во земјата, и побара од МВР итна истрага и санкции.

„Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин!“, напиша Филипче на својот профил на Фејсбук.

Министерот додава дека е клучно секое непочитување да биде санкционирано и ги повика младите да не одат на вакви места.

„Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано“, дополни Филипче.