Филипче: За Велигден и Рамазан Бајрам нема полициски – ќе работат кафулињата


 

Министерот за здравство Венко Филипче, ги потврди денешните најави дека Комисијата за заразни болести предложила попуштање на епидемиолошките мерки за време на празниците.

– Настојуваме да се отворат сите тераси. Полицискиот час да трае од 21
часот до 5 часот наутро од 28 април. А за Велигден и за Рамазан Бајрам да нема полициски час. Во тие денови угостителските објекти да работат како и дотогаш до 20.30 часот – изјави Филипче.

Мерките сигурно ќе важат до завршување на сите празници, а потоа ќе се дискутира дали ќе има нови мерки.

– Секојдневно ја следиме ситуацијата, и се надеваме дека бројките ќе продолжат да паѓаат за да не се враќаме на порестриктивни мерки. Одговорноста е на граѓаните. Носењето маски и одржувањето на дистанца е клучно – порача Филипче.

Тие деноноќија пред празниците, сабота спроти недела и 12-ти кон 13-ти нема да има полициски час, а луѓето ќе можат слободно да се движат. Додека пак, кафулињата и рестораните ќе работат до 20, односно 20.30 часот.(Б.Б.)