Филипче за политиката на власта: Ветуваа гордост, добивме понижување

Филипче ја нарече „патетична“ вчерашната прес-конференција на Мицкоски по усвојувањето на извештајот во Европскиот парламент


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, свика денес прес-конференција, како што рече, бидејќи чувствува должност да укаже на длабоката криза во која нѐ води актуелната влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски.

Тој ја нарече  „маратонска, губитничка и патетична“ вчерашната прес-конференција на премиерот по извештајот на Европскиот парламент, оценувајќи дека по секој нов пораз во надворешната политика – следат подолги и подраматични. 

„Антинационалните политики на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се обидуваат да го загрозат нашиот јазик и идентитет за сопствени политики се срамни, се понижувачки и се спротивни на здравиот разум на секој што ја сака оваа земја“, порача  Филипче.

Според него, одлуката на Европскиот парламент да го тргне делот за „македонскиот јазик и македонскиот идентитет“ е резултат на јасното застранување на оваа власт од стратешките позиции на земјата и злоупотребата на прашањето за сопствени пропагандни цели. 

„Извештајот на ЕП не е за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или идентитет. Тие се веќе заштитени и нив никој не може да ги допре или да ги загрози. Вадењето на македонскиот јазик од извештајот не е закана ниту за јазикот ниту за идентитетот, но е пораз на владината дипломатија која не успеја да подобри ништо од позициите што ги наследи и од Македонија направи губитник“, рече Филипче. 

Тој порача дека по преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ наследи стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската унија и јасен пат за напредок.

„Ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно“, рече Филипче.

Тој ја обвини владата и за неспособност, и за немање волја да се работи во интерес на државата.

„Тоа е исто така директен резултат на дипломатските импровизации и целосната негрижа на владата за зачувување на меѓународната позиција на државата. За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Нема Мицкоски кон кого да покаже со прст, ветуваше гордост, а добивме понижување“, рече Филипче, додавајќи дека жално е нивото на несвесност за последиците и штетите од овие политики кои ѝ се прават на државата и граѓаните, како и несигурноста и апатијата што се создаваат.

„Тие ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник.  Македонскиот народ има јасна визија и силна волја да се интегрира во ЕУ, но без отстапки од своето национално достоинство и идентитет. Нашата борба и визија беа јасни: да го заштитиме јазикот и идентитетот и што поскоро да влеземе во ЕУ како Македонци кои говорат македонски јазик. Ова во ниеден момент не беше, ниту пак е, загрозено сега. Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но, македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта“, рече Филипче.

Запрашан за коментарите дека Македонија треба да се повлече од договорот со Бугарија Филипче рече дека со таква одлука ништо нема да постигнеме и дека да се правело така, немало да се случат ни Илинденското востание, ни НОБ. Тој потсети дека од деведесетите се соочуваме со понижувачки изјави од бугарски политичари, дека исто било и лани како годинава и дека  тоа бара обединување и борба, а не нервоза и патетика. (Н.В.)