Филипче за хронично болните да се вратат на работа: Немаат проблем ако ги почитуваат протоколите


– Премногу е широка листата во наши услови на хронични болести, луѓе коишто имаат практично сосема нормални животни активности и никако не се доведуваат во ризик доколку ги почитуваат протоколите на своите работни места рече министерот за здравство Венко Филипче, на денешниот настан во ГОБ „8-ми септември”, одговарајќи на новинарско прашање да ја појасни препораката на Комисијата за заразни болести хронично болните да се вратат на работа.

– Разгледувавме повеќе аспекти кога го дискутиравме ова прашање. Не е ад хок одлука, туку е резултат на дискусија којашто ја водиме на повеќе состаноци веќе изминатите повеќе од три недели. Суштината е дека практично за сите економски оператори, за сите компании и сите организации има протоколи по коишто се работи. Премногу е широка листата во наши услови на хронични болести, луѓе коишто имаат практично сосема нормални животни активности и никако не се доведуваат во ризик доколку ги почитуваат протоколите на своите работни места. Во таа смисла е донесена одлуката да се даде препорака пациентите коишто имаат дијагноза хронична болест и оние коишто имаат малигни болести, практично се вратат на своите работни места. Не одат на работа само тие кај коишто лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба која што се вика егзацербација, односно влошување во рамките на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман. Притоа и е дополнителен ризик по здравјето на пациентот. Тоа е препораката, оставаме на стручноста, експертизата на лекарите специјалисти да направат соодветна проценка – објасни Филипче и додаде дека и натаму најризичните категории остануваат заштитени.

Во однос на препораката трудниците да бидат ослободени од работа, Филипче посочи дека трудниците се категорија за која се уште нема доволно стручни сознанија како и дали вирусот можеби влијае на развојот на плодот и од претпазливост за нив се продолжува оваа мерка.

– Сметаме дека кај родилките е доволен ризик фактор пуштањето на останатите возрасни групи во градинките и за оваа категорија може да се почека, може да се обезбедат и средства преку МТСП коишто ќе се трансферираат во ФЗО за исплата. Ова е категорија којашто и понатаму ќе ја мониторираме до нова година, па ќе видиме како ќе биде состојбата – изјави Филипче и додаде дека дополнително ќе се дискутира во наредните денови и ќе се донесе одлука се родителите на децата до 10 години коишто се сега ослободени од работа.