Филипче: Вратени на работа 40 медицински сестри на кои им истекоа договорите


Фото: Б. Грданоски

Четириесет медицински сестри чие договори на определено време завршија од утре се враќаат на работа, објави министерот за здравство Венко Филипче.

На мединцинските сестри договорите им истекле уште на 31 октомври од кога и престанал нивниот ангажман во Здравствениот дом.

„Од утре, 40-те медицински сестри се враќаат на работа! Договорите со кои беа ангажирани на определено време во Здравствениот Дом – Скопје им се продолжуваат. Тие и понатаму ќе ја работат најблагородната професија – спасување на човечки животи!“, напиша Филипче на својот Facebook профил.

„Тие работат овде веќе две години, точно е дека им истекоа договорите. Во моментов не се на работа, но од утре почнуваат затоа што попладнево добив зелено светло дека буџет ќе има и дека од утре може да се вратат на работа“, рече директорот д-р Виктор Исјановски за Мета.мк.

Агенцијата Мета извести и дека на барање на министерот Венко Филипче, денеска Агенцијата за вработување до министерството доставила информации за невработени лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, на кои ќе им биде понудено вработување во ковид-центрите низ државата.