Филипче: Во тек е реновирање на Клиниката за максилофацијална хирургија

Клиниката за хирургија, вилици и врат – максилофацијална хирургија информира дека во тек е подобрување на условите во установата. Преку донација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, во вредност од 350 илјади евра комплетно се реновира целиот објект, со вкупна површина од 1500м2.

Проектот се реализира во три фази, согласно американските договорни регулативи, врз основа на барањата на командата за инженерство на морнарицата и поморските капацитети на САД.

„ И покрај здравствената криза предизвикана од Ковид-19 продолжуваме со подобрување на условите во јавноздравствените установи. На пациентите им овозможуваме квалитетна здравствена заштита на повисоко ниво. Досега реновиравме 32 установи, а во тек е подобрување на повеќе клиники и болници во државата. Првата фаза од реновирањето вклучува изградба на нов лифт, кој ќе ги поврзува приземјето, првиот и вториот кат. Поставување изолација и замена на таванот на вториот спрат, реновирање на болнички соби, простории за вработени, ходници и тоалети“, изјави министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.

Со дислоцирање на старата и дотраена опрема и инвентар, Клиниката доби 27 нови болнички кревети од Министерството за здравство. Исто така, со поддршка од Министерството установата набави агрегат за довод на електрична енергија.

Работниот процес на клиниката се одвива континуирано, согласно движењето на градежните активности.