Филипче: Во следните два месеци очекуваме намалување на ширењето на Ковид-19

Согласно сегашната состојба, како што беше дискутирано на состанокот на Комисијата за заразни болести, во следните два месеци очекуваме значајно намалување на ширењето на корона вирусот. Нешто што очекуваме да придонесе се и високите температури во смисла на ослабнување на вирусот и намалување на неговиот пренос, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче по образложувањето на предлог-планот за олеснување на рестриктивните мерки кои Комисијата за заразни болести ги достави до Владата, која ќе го разгледа денеска на седница.

Постепено, посочи министерот, го враќаме животот во нормала, работните процеси, стопанството, со одредени протоколи за функционирање, почитување на мерките за заштита, задолжителната дистанца од два метра, задолжителството носење маска, односно покривка на устата или на носот во затворена просторија, на отворено тогаш кога дистанцата не може да се држи, и задолжителната кога е потребна дезинфекција на рацете.

– Согласно нашите трендови во периодот, што претстои се очеква натамошна стабилизација на ширење на корона вирусот, но свесни сме дека е тешко да се очекува целосно негово исчезнување. Оттаму држењето на бројот на новозаболени под контрола, капацитетите на болниците во добра состојба и почитувањето на мерките за лична заштита се индикатори кои е исклучително битно да се следат во секој момент, рече Филипче.

Тој потенцира дека карантинот од 14 дена за нашите граѓани, кои се враќаат од странство останува, а најави и координација со министрите за здравство од соседните земји за движењето на граѓаните и да се постават критеруми за влез во земјата.