Филипче во посета на Прилеп, ќе се разговара за епидемиолошката состојба во градот


Министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе биде во посета на Прилеп каде ќе разговара со градоначалникот Илија Јованоски за актуелната епидемиолошка состојба во градот.

По зголемениот број на заболени, Јовановски побара воведување порестриктивни мерки во градот.

Филипче вчера на прес-конференција во Владата рече дека во речиси две третини од градовите има сериозно намалување на инциденцата, а критични остануваат Куманово, Штип, Прилеп, Битола и Скопје. Оценката на епидемиолозите, како што посочи, е дека засега нема потреба од порестриктивни мерки во Прилеп и Битола. 

Во Прилеп вчера беа регистрирани 60 нови случаи со корона вирус, со што бројот на активно заболени се искачи на 1.060. 

– Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бара заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп, рече пред неколку дена Јованоски.

Во болница има околу 120 пациенти, а во домашни услови се чекуваат близу 900 пациенти.