Филипче: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати Македонија во времето на страв и уцени


„ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.

Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.

„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.

Претседателот Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.

„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“ порача Филипче.

Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.

„„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти.Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.

Претседателот на СДСМ во своето обраќање тој нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.

„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.

Тој повика граѓаните на Конче во недела да излезат масовно и да го дадат својот глас за бројот 5, за континуитет на развојот и за градоначалник кој им служи на граѓаните, не на партијата.

„За Благој Илиев, за старо-новиот градоначалник, затоа што таков градоначалник заслужувате, кој што ќе ви служи вам, не на мене, кој што ќе ви одговара пред вас, не пред мене, за да Конче и целиот регион продолжи да се развива“, порача Филипче вечерва од Конче.