Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја приватизира државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и денеска на митинзите главен акцент стави на економската ситуација во државата, велејќи дека народот осиромашува, а Владата кажува лажни успеси.
„Го слушате премиерот Мицкоски од митинг на митинг зборува за некакви си економски ‘успеси’, мислејќи дека граѓаните не ја чувствуваат и не ја гледаат реалноста. Буџетот на државата е загрижувачки, приходите се реализирани само 70,78% од планираното, а расходите веќе достигнаа 72,82%. Ова значи дека до крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра, што значи повторно задолжување, нови оптоварувања за граѓаните или кратење на јавни услуги“, рече Филипче на митингот во скопско Чучер Сандево.
„Граѓаните пред четири години поверуваа во лажниот маркетинг за подобар живот. Очекуваа подобар живот, а добија влада што живее во луксуз и во лажен маркетинг, далеку од народот“, рече тој.
„Пензионерите ги излажаа со формули и ветувања, работниците ги оставија без покачувања на платите, земјоделците без поддршка. Сметките растат, цените дивеат, младите си заминуваат. Секој ден е потежок од претходниот“, нагласи Филипче.
Тој рече дека пензионерите се најголемата жртва на лагите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Предизборно ја направија најголемата измама. Ќе растеле платите, пензиите, ќе го врателе името, ќе репреговарале за подобри позиции во Преговарачката рамка. Ветија гордост и достоинственост, а донесоа беда, сиромаштија и ја вратија режимската матрица. Пензионерите се најголема жртва на ВМРО-ДПМНЕ. И тие како и работниците, земјоделците, лозарите се измамени. Овој месец на сметките им легна покачување од само 1000 денари, што значи дека дури 90% од сите пензионери не добија 2.000 кои што требаше да ги добијат со нашиот систем на пресметка. Е тоа е ВМРО-ДПМНЕ, партија на манипулатори и ПР трикови. Земјоделците ги оставија без навремени субвенции, ги скратија субвенциите, каснат со исплати, откупните цени се ниски. Фирмите чекаат поврат на ДДВ, пари кои државата мора да им ги врати. Ова не е грижа за народот. Ова е приватизација на државата“, рече Филипче.
На митингот во Бутел тој им порача на граѓаните: „На овие избори изберете пред сè луѓе кои сакате да ве претставуваат. Изберете ги оние кои се докажани, чесни, кои ќе го исполнат ветеното и кои ќе ви служат пред сè вам, граѓаните. Јас знам дека Оливера за Бутел и Каја за Скопје се вистинскиот избор, силни жени, борци, докажани во својата професија, жени кои искрено и чесно ќе застанат зад граѓаните и нивните потреби“.