Филипче вели дека завршува времето на ЗНАМ и Димитриевски, ќе одат во политичка пензија
Во недела да излеземе масовно на гласање, да ја подигнеме партијата, да покажеме дека СДСМ е тука, дека СДСМ е силен и дека падот на ВМРО-ДПМНЕ започнува веќе од понеделник, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на митингот во Куманово.
„Во недела влегуваме во силна борба. И таа борба ќе ја водиме со главата горе, со гордост што сме наследници на асномската идеја за слободна, праведна и солидарна Македонија. Ова не е време за апатија, ниту за дистанца. Ова е време на одлука“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ цврсто ги бранеше и промовираше вредностите врз кои почива државата и тоа е суштинската разлика помеѓу СДСМ и другите партии.
„По изборите, Максим Димитриевски и ЗНАМ одат во политичка пензија. Нивниот рејтинг паѓа. Ги чека пораз и во Центар и во Куманово“, порача Филипче. Тој нагласи дека пропаднале обидите на Мицкоски и ЗНАМ да го поделат СДСМ.
„Сакам да им испратам и јасна порака на сите добронамерни социјалдемократи, многу од нив наши другари и другарки, кои решија револтот кон СДСМ на минатите избори да го искажат со глас за ЗНАМ. Вашиот протестен глас го разбирам, но ве повикувам да се вратите дома “, истакна Филипче.
Во своето обраќање пред многубројните граѓани во Куманово, Филипче, нагласи дека Димитриевски и ЗНАМ, наместо отпор покажаа сервилност кон ДПМНЕ, а наместо нова енергија и правда – криминални продажби и лично богатење.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Мартин Костовски, ги повика граѓаните да ја дадат својата поддршка, најавувајќи дека време е за промени, за модерно, хумано и живо Куманово.
„Ние граѓаните доволно молчевме и го гледаме нашиот град како се претвора во нешто што не го заслужува. Нашиот кумановски Голијат носи запоставеност, поделба и страв и ветувања што никогаш не го исполни. Од оваа вечер гледам народ што се буди и од оваа вечер започнува падот на кумановскиот Голијат,” порача Костовски.