Филипче вели дека во Македонија сега има десничарска авторитарна влада

Лидерот на СДСМ денеска за прв пат отворено изјави дека во Македонија има авторитарна десничарска влада која не сака да ја придвижи Македонија кон ЕУ. Венко Филипче тоа го кажа на Втората меѓународна конференција во Атина во организација на Институтот „Алексис Ципрас“, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на панел-дискусијата лидерот на СДСМ се осврна на важноста на Договорот од Преспа, но и на тоа што треба во иднина да направат прогресивните сили.
„Договорот од Преспа, важен е, пред сè затоа што покажува дека со конкретно лидерство и визија на лидери како што се Ципрас и Заев можат многу работи да се решат. Договорот од Преспа реши повеќедецениски спор меѓу Северна Македонија и Грција и овозможи Северна Македонија да стане членка на НАТО, но за жал не сме во ЕУ. Моментално имаме десничарска авторитарна Влада во нашата земја која не сака да ја придвижи земјата напред, тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза“, посочи Филипче.
Говореше и за авторитарните режими не само во Европа туку и во светот, за кризата во демократијата, што како што рече не е нова, а ги пренесе и неговите видувања за тоа што можат да направат прогресивните сили за да постигнат успех.
„Треба да им се вратиме на нашите традиционални гласачи, а тоа се работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од работниците гласаа за радикална десница. Ова не е затоа што се радикални или фашисти, ова е бидејќи се чувствуваат напуштени од нас и ова е парадокс“, нагласи Филипче.
Според него, „хибридната војна и хибридните инструменти во рацете на авторитарните Влади е нешто што е треба да се земе предвид“.
За време на посетата на Атина Филипче ќе се сретне и со лидерот на СИРИЗА, Сократис Фамелос.
Конференцијата оваа година е посветена на демократијата и социјалната правда и Филипче учествуваше на панел-дискусија што се однесуваше на прогресивните сили, а во Атина е и поранешниот премиер Зоран Заев кој заедно со домаќинот, поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, ја доделија „Преспа наградата за мир“ на режисерите на документарниот филм „No Other Land“ што го прикажува уништувањето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег.