Филипче: Уште пет смртни случаи од Ковид-19, се прави анализа за високата смртност

Фото: Б. Грданоски

Венко Филипче, министерот за здравство, при посетата на специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по повод завршување на проектот за гасификација на установата, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека загрижува последниот тренд на поголем број на смртни случаи од Ковид-19 во Македонија на дневна основа.

– Околу пет за жал починати пациенти се во последните 24 часа, информација што ја тукушто ја добив. Се работи за болест во тешка клиничка форма. За сите се презема се, а дел од младите починати претходно се со сериозни коморбидитети кои ја намалуваат шансата за преживување. Правиме анализа во моментов зошто имаме по осум смртни случаи дневно. Не сакаме да имаме преполни болници. Анализата ќе заврши во понеделник и ќе кажеме на што се должи тоа, рече Филипче во Чаир.

Тој наведе дека тоа е така затоа што секаде каде што има позитивни случаи, излегува дека таму мерките најмногу не се почитуваат и дека само со придржување на мерките може да излеземе од кризата.

Во последните неколку дена има и зголемен број новозаболени, но и постојано висок број починати. Така, вчера имаше осум починати, во четвртокот беа седум, исто толку во средата, а во вторникот дури девет.

Воедно, се зголеми и бројот на пациенти во болница. Ако на 3 септември во болница имаше 293 пациенти, денеска во болница се 342.