Филипче: Учебната година ќе почне со едукација за Ковид-19


Првиот ден на наставата ќе почне со едукација за Ковид-19 и како учениците да се заштитат себеси и другите, појасни денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Во однос на почетокот на училишната година препораката која ја даде Комисијата за заштита од заразни болести е во контакст на максимална заштита, додаде тој.

– Имаме во предвид дека станува збор за месец кога луѓето се враќаат од одмори и се наоѓаат во затворени простории на работа, што е зголемен ризик фактор, а тоа може да ја влоши состојбата. Ова би се покажало по две до три недели, и тоа сакаме да го превенираме. Затоа учебната година се предлага со физичко присуство да почне со децата од прво до трето одделени и на оние кои ќе побараат да почне учебната година затоа што имаат помал број ученици и можат да организираат настава со физичко присуство, а за сите останати да биде онлајн – рече Филипче.

Ги имале предвд и искуствата од другите земји во светот кои почнаа со настава, има искуства каде за 40 отсто им се зголеми бројот на случаи заболени од Ковид-19, откако ги отворија училиштата.

– Протоколите за основните и за средните училишта се речиси идентични, има протокол за влез и излез, отворени се сите влезови. Се организира влез и излез во различно време. На влезот се поставуваат едукативни материјали за заштита од Ковид-19 – рече Филипче, при што ги наброја сите правила предвидени со Протоколот, кој го објавивме пред неколку дена.

Министерот за здравство додаде дека се забранува настава во кабинети, за да нема мешање на учениците од повеќе класови, односно престој во иста просторија иако во различно време. На основните училишта им се препорачува доколку времето е добро, наставата да ја организираат надвор, без маски, но со растојание.

– Во нормални услови денеска ќе започнеше учебната година, но за жал епидемијата со Ковид-19 ни наметна нови услови и правила – рече Мила Царовска, новата министерка за образование и наука.

Владата донесе план за организирање на учебната година, појасни таа, кој ќе биде доставен до сите општини, а директорите на училиштата ќе треба да ги спроведат за да се заштитат учениците, но и сите други од ширење на корона вируспт. Формирања е и комисија која ќе контролира дали некое училиште има просторен и хигиенски капацитет да организира настава.