Филипче тврди дека ВМРО-ДПМНЕ има загубено 100.000 гласови


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва изјави дека имало драматичниот пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, дека има економски колапс во државата и лицемерното однесување на Владата, која наместо резултати, нуди само пропаганда.

„Нашите информации се дека ВМРО-ДПМНЕ има изгубено 100 илјади гласови до сега. Таков пад на гласовите, таков дебакл до сега во историјата на државата за толку кратко време едноставно не се случил“, изјави Филипче.

Тој предупреди дека власта се обидува да ја покрие реалната состојба во државата со агресивна ПР-пропаганда, но граѓаните не се наивни.

„Нѐ затрупуваат со информации, со пропаганда, со ПР дека прават економски бум. Што се случи? Бум слушнавме само со тоа што треснавме на земја. Евростат излегува со податоци дека сме последна земја во Европа според економската стапка“, потенцираше Филипче.

Според него, Мицкоски говори за вредности, отчетност и транспарентност, но со секој чекор ја демантира сопствената реторика.

„Зборува за транспарентна работа, зборува за отчетна работа, зборува за некаков систем на вредности, а ако навистина ја вршат работата како што треба, нема да има потреба да зборуваат за тоа. Нема да имаат потреба да зборуваат како владата и институциите треба да работат во интерес на граѓаните, ако јавната администрација сама работи така“, истакна Филипче.

Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.

Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Христијан Мицкоски и Данела Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.

„ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.

Тој се осврна и на Трајко Славески, кој како претседавач со Советот не придонел со ништо за Скопје, но сепак беше награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.

„Беше награден заради тоа што го уништи Скопје и не се ни потруди да направи нешто за градот“, рече Филипче.