Филипче: Тажен почеток на училишната година, 3.000 помалку деца, 433 паралелки помалку, затворени 26 училишта


 Македонија ја започнува новата учебна година со поразителни бројки – 3.000 помалку првачиња, 433 паралелки помалку и 26 затворени училишта, најтажен почеток на школска година во државата, истакна денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче и порача дека празните училници се еден од најсилните показатели за последиците од политиките на актуелната власт.

-Денеска почнува новата школска година и би рекол дека потажен почеток на школската година досега оваа држава немала. Имено, 3.000 помалку деца запишани во прво одделение, 433 паралелки помалку, 26 затворени училишта. Нема поголем и подобар показател за лошите политики на Владата, предводена од Христијан Мицкоски, од оваа бројка- рече Филипче.

Тој посочи дека минатата година во прво одделение биле запишани 17.900 деца, а оваа година само 14.900.

-Овие 3.000 деца помалку, значат 3.000 семејства. Што се случило со тие луѓе? Сигурно не е тоа резултат само на демографските движења, тие луѓе едноставно се иселиле. Зошто? Поради тоа што не ја гледаат иднината во земјава. Гледаат дека нема мерки, дека ништо не се случува, дека нема напредок, дека нема добри економски политики, дека нема поддршка за граѓаните, посебно за младите брачни парови и нормално луѓето си ја гледаат и иднината надвор од земјава- посочи Филипче.

Нагласи дека ваквата состојба е последица и на сè потешкиот животен стандард, растот на трошоците, отсуството на мерки за поддршка на граѓаните и изолацијата на земјата поради криминалните политики на власта.

-Укажувавме повеќе пати за лошите политики на оваа Влада, за жал никаков фидбек, никаков интерес. Зголемени горива за повеќе од 20 отсто од почетокот на кризата. Никаква мерка за ниту една категорија на граѓани. Оваа власт во неколку наврати го одбиваше нашиот предлог за зголемување на минималната плата- рече Филипче.

Тој најави дека СДСМ повторно во Собранието ќе го поднесе законот со кој минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, со субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата од зголемувањето

Инаку, минатата недела младите од СДСМ организираа спортски настан, каде се играше ббаскет, а собраните средства од донации се потрошија за купување учебни материјали, кои беа поделени на децата од СОС Детското село.