Филипче: Споредбата на нашиот клинички со српскиот е споредба на баби и жаби


Фото: Б. Грданоски

Изградбата на нашиот клинички центар и клиничкиот центар во Белград се две различни работи бидејќи во Белград веќе постои изграден објект кој не е во функција, рече министерот за здравство, Венко Филипче прашан за став по тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека најавениот клинички центар кој треба да се гради кај нас е неколкукратно поскап од тој што ќе се гради во соседна Србија.

„Зградата во Белград со години е празна и властите во Србија одлучија сето тоа да го реновираат и да го опремат. Не станува збор ниту за нова градба ниту за капацитет каков што ние планираме. Станува збор за споредба на баби и жаби“, рече Филипче.

Инаку, претходно денеска, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинија дека владата на Зоран Заев и неговиот министер за здравство, Венко Филипче ќе гради клинички центар што ќе чини повеќе од половина милијарда евра, а тое е четири пати повисока цена од оној што во моментов се гради во Србија.

„Овој што се гради во Србија и е идентичен со планот за клинички на ВМРО-ДПМНЕ и предвидува 1.000 болнички кревети, 400 болнички соби, и други неопходни работи за современ медицински центар и чини верувале или не 125 милиони евра. Тоа е четири пати пониска цена од она што сака најкорумпираната влада во Европа, владата на Заев да го потроши за клинички“, обвинија од опозициската партија.