Филипче: Состојбата со Ковид-19 се влошува


Состојбата кај нас како и секаде во светот, со крајот на летото се влошува. Велика Британија, Чешка, Франција, Шкотска, Израел, планираат да ги заострат мерките. Франција ги заострува мерките, меѓудругото ќе забрани и посети меѓу домаќинствата. Тоа е она што го најавувавме, дека септември ќе биде почеток на нов бран, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција .

Според анализите на Комисијата за заразни болести до 19 септември најголем број заболени има во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а Штип е со најголема инциденца.

Најприсутен е вирусот кај возрасната група од 30-39 години, што значи ги напаѓа и помладите и поздрави луѓе.

Според министерот, епидемиолошката состојба последните денови се вложува, а главна причина е непочитувањето на мерките.

– Главна причина се должи на непочитување на мерките на семејни собири, дружења и средби – рече Филипче.

Според него недозволиво е непочитување на мерките од сите, особено од бизнисите и угостителските мерки.

Се размислува за воведување нови мерки, но мерки со кои ќе се избегнат затворања и карантини. Дел од мерките кои се разгледуваат се и носење маски и на отворено, ограничување бројот на лица на маси во угостителски објекти, забрана за семејни веселби во затворено, прецизни протоколи за работа на угостителските објекти и за јавниот превоз да се ограничи бројот на луѓето кои се возат во еден автобус.

Во однос на мерките за кои размислуваме, се надевам дека нема да има потреба да ги имплементираме, ако се почитуваат досегашните мерки.