Филипче: Состојбата е исклучително сериозна и критична


Министерот за здравство вечерва на неговиот фејсбук профил ја оцени состојбата со корона вирусот како „исклучително сериозна и критична“, а за притисокот врз болниците и врз медицинскиот кадар вели дека е огромен.
„Денеска за жал, имаме досега најголем број на починати, 22 пациенти ја изгубија битката со Ковид-19. Регистрираме рекордни 30 отсто позитивни од тестирани лица, а речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата. Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен“, напиша Филипче.
Тој додава дека есенскиот бран на вирусот „коси“ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден и апелира да се сфати многу сериозно дека од секој зависи како ќе го надминеме овој бран.
„Очекувам итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени. Повикувам на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита“, вели Филипче.