Филипче: Се усогласуваат условите за патување во Грција


Фото: Б. Грданоски

Кога ќе се отворат границите 14-дневниот карантин нема да може да се спроведува во ниту една во земјите од регионот, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во разговор за Сител, Филипче кажа дека полицискиот час засега не се планира да се менува и дека одлуки ќе се носат во текот на наредната недела, но и дека олабавувањето на мерките ќе оди постепено за да се избегнат големи гужви доколку тоа се направи нагло.

Што се однесува до отворањето на угостителските објекти, тој кажа дека се планира нешто да се најави на почетокот на идната недела, за постепено да се враќаат во функција од крајот на неделата.

Во однос на прашањата околу патувањата во Грција и како ќе се минува границата Филипче не даде конкретен одговор, туку најави документ кој треба да се разгледа следната недела. На средбата со грчкиот министер за здравство разгледани биле сите предности и недостатоци на пристапот за барање тестови, сите опции, но крајна одлука не е донесена.

Филипче очекува до крајот на идната недела документот да го разгледаат епидемиолозите од двете земји и да се финализира. Потоа овој документ би се испратил на разгледување и во другите соседни земји.

Но, кажа дека конкретно разговарале за можноста сите граѓани на Македонија кои ќе патуваат во Грција и обратно грчките граѓани во Македонија, доколку има потреба да се лекуваат од болести поврзани со коронавирусот, тоа да биде бесплатно во двете земји.