Филипче: Се уште не е донесена одлука какво ќе биде ограничувањето на движењето за првомајските празници


Фото: Б. Грданоски

Надлежните се уште немаат донесено одлука дали претстојниот викенд на кој му претходи и празникот 1 Мај ќе има тридневно ограничување на движењето на граѓаните, и оти таа ќе биде донесена врз основа на анализа на однесувањето на граѓаните, дали се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот за задолжителна заштитна опрема и одржување дистанца.

Во изминатите денови, нагласи министерот за здравство Венко Филипче, видовме дека има број граѓани кои навистина ги почитуваат мерките, а видовме и дека има голем број граѓани кои овие мерки не ги почитуваат. Тој најави и дека утре ќе побараат од Владата казнувањето да почне порано уште на почеток на неделава, не од 1-ви мај како што иницијално беше најавено.

Филипче смета дека ако возрасните носат маски, малите деца ќе бидат целосно заштитени.

Според него, препорачаните мерки против корона вирусот треба да се почитуваат. И децата над 14 години треба да се придржуваат до мерките исто како возрасните.

-Сметам дека треба да се почитуваат мерките. Сметам дека не се почитуваат доволно врз основа на тоа што го видовме. Малите деца ќе бидат целосно заштитени ако возрасните ги носат маските. Децата над 14 години треба да се придржуваат до мерките исто како и возрасните, а најмалите во затворени простории, не како форма на прекривка. Исто така и кога е навистина голема група надвор кога не може да се одржи дистанцата. Така што сметам дека апсолутно со оваа мерка сите треба да бидат заштитени, истакна Филипче.