Филипче: Сè уште е рано да се тргне препораката за носење маски на отворено


Фото: Б. Грданоски

 

Откако во САД веќе не е задолжително носење маски на отворено, па и на затоврено доколку некој е вакциниран и во Македонија се размислува во таа насока.

– Тоа што мислам дека ќе следи, но не можам да кажам кога точно временски, е да се тргне обврската да се носи маска на отворено и да се зголеми бројот на гости во угостителските објекти. Но, сè уште е рано да се донесе таква препорака. Тоа е мое лично мислење, а ќе видиме што ќе препорача Комисијата за заштита од заразни болести – рече Филипче.

Министерот за здравство изјави дека барањата на Независната угостителска комора ќе бидат разгледани на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник и оти согласно епидемолошката состојба ќе биде донесена одлука.

Во изјава за медиумите, Филипче нагласи дека во моментот нема влошување на епидемолошката состојба заради попуштањето на рестриктивните мерки, но сепак смета дека мерките што во моментот се на сила, треба да останат уште најмалку една недела.

– Сите барања ќе ги разгледаме на состанокот што ќе се одржи во понеделник. Барањата имаат логика, но во исто време ние сме во период кога поминуваат веќе неколку недели од попуштањето на мерките. Засега нема буквално никаква најава дека има влошување на епидемолошката ситуација заради попуштањето на мерките од пред неколку недели. Ќе ја анализираме епидемилошката ситуација заклучно со понеделник и ќе донесеме одлука, изјави Филипче.

Независната угостителска комора денеска информираше дека до Комисијата за заразни болести и до Министерството за здравство доставила неколку предлози за работа на угостителските објекти. Меѓу другото од НУК бараат да се укине ограничувањето на работното време, да се дозволи работа во внатрешните делови на објектите и настап на музички групи, како и да се укине препораката на маса да седат само четири лица.