Филипче се сретна со семејството на донорката Динева


Утрово, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче се сретна со семејството на Емилија Динева и градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов.

„На семејството им изразив најголема почит и благодарност за хуманоста која ја покажаа во нивните најтешки моменти. Тие дадоа надеж и шанса за живот на три семејства. Тие спасија три човечки животи. Поради нив, за првпат во земјава се изведе трансплантација на срце, а два бубрега се трансплантираа кај двајца пациенти кои подолго време беа на дијализа. Пациентите се во добра и стабилна здравствена состојба. Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие и хуманост. Горд сум на ова семејство“, изјави министерот Филипче.

Минатата недела, срцето на Динева беше пресадено кај пациент на кој му беше потребна трансплантација. Ова беше прва трансплантација на срце од починат донор во земјава. Нејзините два бубрега, пак, беа пресадени кај уште двајца пацинети кои долги години биле на дијализа.

Динева доживеа сообраќајна незгода одејќи на работа, а четири дена беше одржувана во живот со мозочна смрт.