Филипче: Се подготвуваме за полошо сценарио


Фото: Б. Грданоски

Не знаеме каква есен нè чека, мора да бидеме внимателни особено со децата. Полошо сценарио значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои ги окупираат истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид. Се спремаме за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за МКД.мк. Тој  е задоволен од досегашното менаџирање на кризата и најавува план за дополнителни рестрикции во региони во кои би имало поголем број пациенти или би биле потенцијален ризик.

Според него, показател дека добро се менаџира кризата е што  има константен процент на позитивни случаи од вкупниот број на тестови, а бројот на пациенти во болниците во континуитет постепено се намалува. Тоа што не треба да се дозволи е да има огромен процент на позитивни од вкупниот број тестови зашто тоа значи дека не знаеме што се случува и немаме целосна слика за епидемијата.
-Такви сценарија гледаме во околните земји. Огромен ризик е да се пренатрупаат болниците, а тоа го избегнавме и во почетокот и сега, вели Филипче.
Тој негира дека било грешка што се одржаа избори бидејќи од нив нема ниту еден заразен.

-Не, воопшто не згрешивме, затоа што направивме одлични протоколи, одлично се спроведоа и немаме ниту еден пациент од изборите. Таму сите беа целосно заштитени, и луѓето што ги спроведоа и гласачите. Имаме епидемија што се влошува поради непочитување на мерки. Изборите беа одлично спроведени, вели Филипче

Тој додава дека е мал бројот на заразени што дојдоа од критикуваните настани во Охрид, но тоа генерално целосно се вклопува во она што ни се случува цело време, а тоа е дека новозаразени има поради  непочитување на мерките.

Тој и возврати и на опозицијата која според него само критикува и прави штета во кризата.

– Само критикуваа, манипулираа со бројките, прикажуваа нешто што не е така, и навистина жалам, поради тоа што јас тоа не го очекував, ако ништо друго, од колегите во опозицијата.По 15 години првпат добивме можност да нè кредитира Светската банка во секторот здравство. Кредит за брза помош, којшто го добија 100 земји во светот и којшто значеше дека ќе добиеме поддршка за надградување на капацитетите, за месеците пред нас, свесни дека ова ќе трае.За жал, опозицијата нè блокираше и јас не можам да сфатам што е причината да се блокира таков кредит, од кој придобивка ќе имаше здравствениот систем, болниците, немаше да стравуваме толку многу за есенските месеци. Но, мислам дека тоа навистина е еден голем грев на опозицијата, вели министерот.

Во однос на тестовите и поминувањето на границите тој смета дека треба да се има регионален пристап.

-Јас минатата недела пратив писмо со покана за заеднички состанок на крајот на август за сите земји од Западен Балкан, плус Бугарија и Грција, за да разговараме за повеќе аспекти. Чекаме одговор. За размена на искуства за справување и за политиките за поминување на границите.Луѓето ќе мора да функционираат, да живеат, да работат, значи мора да имаме некаков заеднички пристап. Се надевам ќе има позитивен одговор за состанокот за да донесеме некакви заеднички политики во регионот, вели Филипче.

Тој исто така додаде дека Македонија веќе аплицирала за ковакс-механизмот на СЗО, којшто би ги дистрибуирал вакцините тогаш кога секоја ќе дојде до производителите.

-Немаме доволно сознанија за тоа до каде се вакцините. Компаниите што се пријавени во ковакс се блиску до третата фаза на клиничко испитување. Мислам дека е оптимистичко сценарио на светот да му биде достапна вакцина во почетокот на следната година. Тие што се најнапред во процесот.За руската немаме многу сознанија, сè уште истражуваат нашите експерти, вели министерот.

Полошо сценарио, според него, значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои ги окупираат истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид. И во таа смисла е надградувањето со 16 одделенија.

-Точно предвидување никој не може да каже, ниту една од земјите и во регионот и во Европа немала есен со пандемијата.Се спремаме за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, па нема да имаме такво сценарио.Имаме план за дополнителни рестрикции согласно некои со мерки, ќе го промовираме наскоро. Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик. Затворање на училиштата, затворање на угостителските објекти, забрана за собири и слично, но за планот на рестрикции битен е и регионалниот пристап, вели Филипче во интервјуто за МКД.мк.