Филипче се пишмани, промена на пол нема да се врши на државна сметка


Фото: Б. Грданоски
Министерството за здравство доцна синоќа соопшти дека оперативен зафат за промена на полот нема да постои на сметка на Фондот за здравствено осигурување и таков зафат нема да се изведува во јавна здравствена установа.
-Спроведувањето на оперативни зафати од страна на експертот Мирослав Ѓорѓевиќ значи опфаќање на голем број  уролошки операции за заштита на здравјето на децата, кои до сега беа принудувани да патуваат во странство за нивно спроведување. Со овој ангажман на врвен експерт ќе успееме да заштедиме средства што досега беа одвојувани од Фондот за операциите во странство, се наведува во соопштението.
Воедно, се посочува дека политика на Министерството за здравство е што повеќе услуги да бидат достапни за граѓаните во Северна Македонија и да се намали потребата од патување во странство и секако да се спроведат повисоки стандарди во медицинските установи во државата, преку ангажирање на експерти кои ќе го пренесат своето знаење на македонските доктори.
-Ја информираме јавноста дека оперативен зафат за промена на полот нема да постои на сметка на Фондот за здравствено осигурување и таков зафат нема да се изведува во јавна здравствена установа, стои во соопштението од Министерството за здравство.
– Од пред неколку месеци за хирургија, промена на полот на располагање на граѓаните е еден експерт од Србија кој работи во развиените европски земји и во Америка, па тие операции што досега се плаќаа приватно, граѓаните ќе имаат можност операцијата да ја направат на Клиниката за детска хирургија. Се основа и ново одделение за андрогена и уролошка реконструктивна хирургија на одделот на урологија од страна на наш колега кој со години наназад се едуцира во оваа област. Пациентите што досега бараа помош и третман во странство ќе можат да се третираат и кај нас. Има интерес. Знам дека професорот има воспоставено контакт со еден пациент – рече вчера министерот за здравство Венко Филипче, по Национална конференција за „Унапредување на правата на ЛГБТ-заедницата во Северна Македонија“, организирана од Министерството за труд и социјална политика, а во соработка со Советот на Европа по повод првата парада на гордоста што ќе се одржи в сабота во Скопје.

Промена на пол ќе се врши на државен трошок во државни клиники

Граѓаните што сакаат да извршат интервенции за промена на полот тоа ќе можат да го направат и на Клиниката за детска хирургија и Универзитетската клиника, на одделот за урологија. За да се спроведе ваквиот зафат, ангажиран е професор д-р Мирослав Ѓорѓевиќ од Белград. Докторот веќе бил во контакт со едно лице кое е заинтересирано да направи ваква операција за промена на полот.

Операциите ќе бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување, граѓаните нема да плаќаат од џеб како досега. Промена на полот, односно реконструктивната уролошка хирургија, досега се правеше само во приватните здравствени установи или граѓаните одеа во странство, а за операцијата си плаќаа од свој џеб. Лекарот Ѓорѓевиќ досега има извршено операција за промена на полот кај трансродово лице во приватната болница „Аџибадем Систина“, со која соработува неколку години. На проблематиката работи и во развиените европски земји и во Америка.

„Гледано низ призма на здравствениот сектор, можам да укажам дека имаме одлична соработка со граѓанскиот сектор во однос на здравствен пристап, услугите на лицата од ЛГБТ-заедницата. Имено, во Министерството за здравство веќе функционира превентивната ХИВ-програма, која од минатата година ја спроведуваме заедно со граѓанските организации… Континуирано ја унапредуваме, во моментот работат комисии за воведување иновативни методи за ХИВ-превенција и тестови. Од пред неколку месеци за хирургија, промена на полот на располагање на граѓаните е еден експерт од Србија кој работи во развиените европски земји и во Америка, па тие операции што досега се плаќаа приватно, граѓаните ќе имаат можност операцијата да ја направат на Клиниката за детска хирургија. Се основа и ново одделение за андрогена и уролошка реконструктивна хирургија на одделот на урологија од страна на наш колега кој со години наназад се едуцира во оваа област. Пациентите што досега бараа помош и третман во странство ќе можат да се третираат и кај нас. Има интерес. Знам дека професорот има воспоставено контакт со еден пациент“, посочи министерот за здравство Венко Филипче.

На Национална конференција за „Унапредување на правата на ЛГБТ-заедницата во Северна Македонија“, организирана од Министерството за труд и социјална политика, а во соработка со Советот на Европа по повод првата парада на гордоста што ќе се одржи в сабота во Скопје, копреседавачот на ЕРА, организација на ЛГБТ-заедницата на Западен Балкан, Билјана Гинова, рече дека ЛГБТ-заедницата и покрај тоа што има поддршка од институциите за разлика од претходно и натаму се соочуваат со дискриминација.

„Ние како ЛГБТ-луѓе сме цело време скриени. Јас не можам мојата партнерка да ја држам за рака како сите хетеросексуалци кои можат. Вие со вашата сопруга можете да одите на лекар или на интензивна нега, јас не можам. На секое поминување на граница, на секое одење во банка, мене цело време ме преиспитуваат за моето родово изразување и зошто не е во согласност со маркицата на мојата лична карта за пол. На секој чекор ние сме нападнати, осудени. Ние сме заедно, мора да коегзистираме. Сакале или не, јас морам да коегзистирам и со напаѓачите што ме нападнаа додека бев во центарот за поддршка. Јас морам да коегзистирам и со оние што шират говор на омраза на социјалните мрежите“, рече Гинова.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска подвлече дека посветено работат на унапредување на правата на сите граѓани, дека се трудат да ја искоренат дискриминацијата и негативниот однос кон сите различности во земјава. Укажа и дека се борат секој ден со секој чекор како влада да бидат прифатни сите што имаат различно размислување, различна сексуална ориентација, различен етникум.

Министерката ги повика сите граѓани и оние што сметаат дека имаат различни права, убедувања, вредности да ја поддржат парадата, затоа што како што рече: „сите што сме различни, треба да се обединиме да го развиваме општеството, да дадеме шанса сечие човечково право да биде испочитувано“.

Претставниците и поддржувачите на парадата на гордоста в сабота во 11 часот ќе се состанат во паркот „Жена борец“ во Скопје. Маршот ќе започне точно напладне. На самиот настан учесниците ќе добијат алка од „Скопје прајд“, со која секој ќе може слободно да се движи во и надвор од определениот простор. Крајната точка е Школка во Градскиот парк, а низ програмата водичи ќе бидат дрег-кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор. Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат: Тамара Тодевска, Принцес Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба.

Вероника Мароска-Леова