(ВИДЕО) Филипче: Рано е за целосно укинување на мерките


Министерот за здравство Венко Филипче оцени вчера дека трансмисијата на корона вирусот е под еден, со што е израмнета кривата на епидемијата, има линеарен број на случаи и секој ден оздравени. Сепак, тој повика повторно секој граѓанин да даде придонес со доследно почитување на мерките и на тој начин постепено да се врати животот на нормалата.

-Сите имаме подеднаква одговорност, секој кон себе, но и кон останатите. Не смееме да дозволиме сега да го доведеме во прашање тоа што сите заедно го издржавме и го надминавме, можеби најтешкиот период. Нашите анализи укажуваат дека факторот на трансмисија генерално во целата земја е под 1, но правиме детални анализи за одредени региони и чекаме уште неколку денови да видиме каков ќе биде трендот на новозаразени. Со сите тие мерки ја израмнивме кривата на епидемијата и не го оптоваривме здравствениот систем. Само ако лично секој граѓанин ги почитува мерките ќе го издржиме ова и ќе го вратиме нашиот живот во нормала – рече Филипче.

Според него, сепак рано е да се размислува за целосно укинување на полицискиот час и за тоа треба посериозна анализа која ќе потврди дека сериозен број на денови има намален тренд на заболувања и нема нови кластери.

-Имаме некои проекции, но дозволете тоа детално да го објасниме во текот на неделата, порача Филипче.

Тој потврди дека има секојдневен голем притисок од разни економски сегменти да се вратат на редовните активности, но се уште се прават планови како и кога секој од нив да биде нормализиран, кои ќе бидат завршени во текот на идниот месец. Во тој контекст беше и одговорот на прашањето што да прават тие што имаат закажано свадби.

Филипче нагласи дека наесен очекува повторен бран на заболени од коронавирусот. Би можело да се очекува тој бран да биде покомплексен од сегашниот бидејќи, како што кажа, тој период се предвидува и почеток на сезонските грипови.Сепак, додава Филипче, веќе системот е добро поставен и ќе може ефикасно да изреагира. Дури и да се нормализира ситуацијата кај нас, вкупната состојба со епидемијата ќе зависи според него и од случувањата околу нас, па и во Африка каде што се очекува сега да се шири заразата.