Филипче: Рано е за отворање на аеродромите


Фото: Б. Грданоски

-Сѐ уште е рано да се размислува за отворање на аеродромите, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој потсети дека и натаму е во сила препораката граѓаните што стигнуваат во земјата да одат во државен карантин во времетраење од 14 дена.

„Сѐ уште е рано да размислуваме за отворање на аеродромите. Тоа отвора други прашања за тоа од каде доаѓаат луѓето. Голема бројка на граѓани ќе стигнат. Сѐ уште е во сила препораката за државните карантини и тоа останува засега. Не размислуваме за промена на оваа стратегија. Во тек се консултации со околните земји за некаква форма на регионален пристап“, рече Филипче.

Комисијата за заразни болести, како што вчера извести министерот, ја разгледувала можноста за воведување имунолошки пасош за граѓаните што сакаат да патуваат, како и за странците што ќе пристигнат кај нас, но конкретно решение засега нема.

Аеродромите во Македонија беа затворени во март. Прв беше затворен аеродромот во Охрид со одлука на 14 март, заедно со затворањето на поголемиот дел од граничните премини, а на 16 март Владата одлучи да го затвори и скопскиот аеродром, како и сите гранични премини за да се спречи ширењето на коронавирусот.