Филипче: Прва трансплантација на срце во Македонија, се прават последните подготовки


Фото: Б. Грданоски

„Во моментов се прави подготовка за правење на првата трансплатација на срце во нашата земја“, најави предмалку министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил.

„Имаме, за жал, почината пациентка чие семејство се согласи да го донира срцето и пациент, кој веќе подолго време чека донор. Се подготвуваат тимовите и доколку дозволи клиничката состојба во текот на вечерта ќе се изврши најпрво експлантација на срцето од донорот, а потоа и трансплатација“, вели Филипче.

Тој додава дека операцијата ќе се изврши на Клиниката за кардиохирургија каде ќе работи мешан тим на кардиохирурзи.

„Станува збор за исклучително тешка и ризична операција, да им посакаме среќа на докторите и на пациентот!“, вели министерот Филипче.

Тој вечерва оваа информација ја кажа и на гостувањето на ТВ24, при што рече дека кај пациентот донатор е констатирана мозочна смрт, но срцето е во добра состојба.