Филипче: Посакувам оваа година да е пред сѐ мирна и безбедна


 Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје им го честиташе Христовото раѓање – „Божиќ“ на сите граѓани кои го слават празникот.

– Посакувам мирни празнични денови, онака како што налага традицијата, во кругот на семејството, пријателите и блиските, рече Филипче.

Тој додаде дека светот во којшто живееме се менува многу динамично и драстично и затоа посака годината да биде пред се мирна и безбедна.

– Во многу места на светот има војни и во таа смисла, посакувам оваа година да е пред сѐ мирна и безбедна. А, ние тука кај нас, во нашето мултикултурно и мултинационално општество, различни какви што сме, различностите да ги сфатиме како предност, како една придобивка, на демократијата и во таа смисла, сите заедно да работиме за и државата и општеството да ги направиме подобро, помирно, поправедно и побогато место за живеење, подвлече Филипче.