Филипче: Платите на лекарите во примарните центри 30.000 денари, ќе се испитува, случајот во Дебар


Министерството за здравство ги проверува документите со вработувањето на лекарката во Дебарската болница, која била примена со договор на дело и примала плат од 15.000 денари, иако висината на платата требало да изнесува 30.000 денари, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче, пред почетокот на настанот за одбележување на Светскиот ден на населението, во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА .

-Ги побаравме од директорт на Дебарската болница во текот на вчерашниот ден сите документи да видиме како е постапено по конкурсот којшто пропаднал, како се потпишани договорите и кои документи се поднесени од страна на докторката и другите кои добиле договори на дело. Сакаме да направиме анализа дали се почитувани сите закони и дали е постапено по нив и согласно тоа ќе преземеме соодветни мерки, рече Филипче кој најави конкретни информации за случајот уште во текот на денешниот ден.

На новинарско прашање Филипче посочи дека и покрај тоа што се соочуваме со одлив на кадри од земјава, смета дека мерките кои ги превземаат и ги планираат во следниот период ќе влијаат на младите да останат во земјата.

Потсети дека платата за која лекарите може да се пријават на оглас и да добијат загарантирано работно место во примарните центри односно во здравствените домови е 30.000 денари.

Во  однос на медицинските сестри, рече дека на објавениот оглас се пријавиле околу 200 лица што според него е доволно да ги испромовираат патронажните сервиси и дека имаат позитивни сигнали од Фондот за здравство дека оваа мерка која требало да важи шест месеци ќе може да важи на неопределено време од следната година.

-Значи секој доктор којшто ќе дипломира и ќе добие лиценца за работа од Лекарската комора, ќе има загарантирано плата на работно место во службите за Итна помош, вакцинација и патронажни сервиси, рече Филипче.

Во врска со амбулантата во Ѓорче Петров,Филипче најави дека  во најскоро време ќе се пристапи кон нејзино реновирање заради подобрување на условите за работа.

Тој информира дека со општината Ѓорче Петров постигнале согласност дека предложениот проект за изградба на мултифункционален објект по пат на јавно приватно партнерство не ги задоволува потребите и ќе треба да се ремоделира.

Министерот за здравство запрашан за зачестените вербални инциденти со лекари најави дека ќе предложат нов закон за лекарска дејност во кој точно ќе бидат дефинирани позицијата на лекарот, правата што ги има во организацијата, како и прашањата со обезбедувањето.

Потсети дека откако не успеале обидите на мултисекторски да се реши проблемот со обезбедувањето на клиниките заедно со Министерството за одбрана во фаза се на изработка на ново решение кое треба да биде донесено до крајот на годинава.