Филипче: Останува системот за пријавување за вакцинација преку матичните лекари
Системот за пријавување за вакцинација преку матичните лекари останува, бидејќи сепак треба да се земаат и анамнестички податоци, вели министерот за здравство Венко Филипче.
– Матичните лекари се тие кои ги имаат контактите, тие кои имаат комуникација со пациентите, меѓутоа и пациентите со нив. И добро е да се придржуваат до овој систем затоа што сепак треба да се земат и анамнестички податоци. Еве сега ги проверувавме списоците – близу 1.500 се веќе ставени на нашиот список, зборувам од матични лекари. Кога ги проверуваме списоците видовме дека дел од тие матични лекари навистина не пријавиле ниту еден од своите пациенти, за што уште еднаш ќе упатиме писмо со потсетување дека тоа е начинот на кој што пацинетите ќе се пријават за вакцинација, вели Филипче на новинарско прашање коментирајќи го предлогот на матичните лекари телефонското контактирање со пацинетите за вакцинација наместо тие, да го врши администрацијата во здравството.
Анализата на вирусот, појасни минстерот, односно на геномската секвенца, покажа дека 70 проценти од вкупниот број новодијагностицирани случаи на инфицирани со Ковид-19 се заразени со т.н. британски сој на вирусот. Сите овие денови вклучително и овие кои се пред нас, а тоа е викендот, ќе се анализираат состојбите во одредени градови, посебно конкретно во Кавадарци, Прилеп и Охрид и врз основа на тие анализи ќе видиме дали ќе се препорачаат некакви дополнителни рестриктивни мерки.
Ова денеска го истакна Филипче, кој рече дека сега сме во една ситуација во која има лесно зголемување на бројот на заразени и според последните пресметки, раст на РО факторот на преносливост на 1,3. Тоа што сега не можеме да бидеме сигурни, посочи министерот, е дали тоа ќе биде тренд и ќе продолжи и понатаму или е само некој мини бран кој се случува овие денови.
– Сведочиме секој ден дека има собири на јавни места и во угостителски објекти. Убавото време ќе натера многу наши сограѓани да не ги носат маските за жал и да не ги почитуваат мерките за препорачаната дистанца. Чекаме да заврши анализата по региони и да видиме дали ќе има некои мерки кои ќе се однесуваат на посебни градови и региони и нешто што ќе важи за територијата на целата држава. Целокупниот здравствен систем и пред се здравствените работници добро се справија, се реорганизираа и го постигнавме тоа што најмногу го сакавме, а тоа е ниту еден пациент да не остане без здравствена услуга, односно да биде сместен секогаш кога има потреба и индикација во здравствените установи, додаде Филипче
Тој рече дека ќе се вакцинира против Ковид-19 откако ќе поминат групите на здравствени работници со најголем ризик од инфекција.
– Навистина не би сакал да земам место на некој кој има многу поголем ризик од мене да заболи. Тоа се сепак колегите лекари, медицински сестри кои секојдневно работат во Ковид центрите каде се хоспитализирани пацинети со Ковид, матичните лекари кои имаат секојдневно контакт со пациенти се во исклучително висок ризик и вработените во лабораториите. Нека поминат овие првични групи, јас ќе се вакцинирам, понатаму, сигурно, рече Филипче одфовораќи на новинарско прашање на денешниот прес пред Министерството за здравство.