Филипче останува министер за здравство, одлучи Заев


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев смета дека нема политичка одговорност на министерот за здравство Венко Филипче и на заменикот-министер Илир Хасани, за пожарот што избувна во модуларната ковид-болница во Тетово, каде загинаа 14 луѓе.

Откако денеска Јавното обвинителство ја соопшти причината за пожарот, односно утврдено е дека пожарот настанал од електрична куса врска во приклучниот кабел на дефибрилатор, премиерот Заев одлучи да не ги прифати понудените оставки од првите луѓе во здравството.

„Врз основа на овие и претходните наоди нема причини да се лоцира политичка и менаџерска или одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани кои од морални причини поднесоа оставки кои чекаа на моја одлука. За евентуалните грешки ќе се приознесат надлежните отргани. Останувам на ставот дека нема да дозволам политизирање на тетовската трагедија“, рече Заев попладнево на прес-конференција. Тој додаде дека несреќи се случуваат, за што последен пример е Романија, каде исто така избувна пожар во ковид-болница. 

Тој нагласи дека политичарите не смеат да го толкуваат извештајот на вештите лица.

„Ние политичарите и извршната власт, генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постпауваа по наредба на Јавното обвинителствот на Република Северна Македонија“, истакна Заев и додаде дека доколку се утврдат евентуални грешки од човечки фактор, тогаш надлежни се органите кои го истражуваат случајот.

„Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам и веднаш дадов насоки до Минизтерството за здравтсво во најкус можен рок да се  извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници. Сега е најважно да се засилат контролите и проверките за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи“, рече Заев.

Тој наведе дека ни се случи страшна трагедија, но не сме единствена земја во светот во која се случуваат вакви трагедиии и при тоа повторно изрази сучувство до семејствата на загинатите.

Претходно денеска, Јавното обвинителство  информираше дека во Основното јавно обвинителство – Тетово е доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, се вели во соопштението.