Филипче: Од понеделник веројатно нема да има никакви рестрикции


Фото: Б. Грданоски

– Големиот број на лица кои се позитивни на корона вирусот го оправдува полицискиот час кој го воведовме за овој викенд. Голем e број на граѓани заминаа во туристичките места, но таму треба да се почитуваат мерките за групирање. Ова на денешната прес-конференција го потенцираше Министерот Филипче.

– Не можеме да бидеме сигурни, но очекувам дека од понеделник ќе има комплетно олабавување на рестрикциите за движење на граѓаните, додаде тој.

Министерот Филипче истакна дека 15 семејства ja носат 90 отсто од бројката на заразени, што значи дека болеста се шири во неколку тесни кластери.

Тој истакна дека станува збор за втор бран на вирусот и зголемениот број на заразени е очекуван со оглед на тестирањето кое се применува во изминатиот период, и на таа сметка е намален број на тестови како дел од скринингот.

– Вирулетноста на вирусот слабее, а тоа го покажува фактот дека се повеќе има пациенти кои се асимптомачни или без никакви симптоми, додаде Филипче.

Министерот потврди и дека во  ГОБ „8 Септември“ има заболено еден доктор, седум медицински сестри како и ,лица од техничката служба на оваа болница.

Тој додава дека и на Гинеколошко-акушерската клиника има заразено една медицинска сестра и еден техничар.

Во однос на отворање на границите министерот порача дека не е време да се размислува за тоа.

– Во моментов не е време да се размислува кога би можело да се отворат границите, туку да се концентрираме што се случува во државата, за да се подготват капацитетите и да знаеме како да се справиме понатаму, рече Филипче.

Комисијата за заразни болести во овие два дена ќе направи детална анализа по што во недела ќе одржи состанок на кој ќе бидат разгледани следните чекори.