Филипче: Од јуни обезбедено здравствено осигурување за приватните специјализанти
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека од јуни годинава, сите приватни специјализанти ќе добијат целосно здравствено осигурување со што ќе се реши досегашниот проблем на оваа категорирја млади лекари.
„Сите приватни специјализанти кои досега нема здравствено осигурување, односно не биле пријавени во друга приватна здравствена установа, а добиваат надоместок за работа како приватни специјализанти, од месец јуни ќе добиваат дополнителна сума на средства со што ќе биде покриен трошокот за здравствено осигурување. Тоа значи дека добиваат навистина тоа што треба да добијат, а тоа е целосно здравствено осигурување“, изјави Филипче.
Уште едно барање кое се исполнува, вели министерот, е да им бидат платени сите дежурства кои ги прават како специјализанти во институциите каде специјализираат во рамки на нивната едукација.
„Сумата за дежурства од 1.800 до 3.600 денари, во зависност од тоа дали се дежура во нормален работен ден или за време на викенд или за празник, со што вкупната дополнителна сума која ја добиваат на веќе постоечките 30.000 бруто во одреден момент може да достигне и до 50 проценти повеќе од тоа што сега го добиваат“, изјави министерот.
Филипче најави дека во следниот период ќе се финализира и планот околу вработувањето на приватни специјализанти, прашање кое, како што рече, заслужува уште малку анализа.