Филипче од Битола: Не можеме да молчиме
„Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста. И тоа нѐ боли“, рече лидерот на СДСМ

„Тука сме затоа што нешто длабоко во нас нѐ тера да не молчиме“.
Вака лидерот на СДСМ им се обрати на членовите и поддржувачите во полната сала во Центарот за култура во Битола. Тој ги поздрави граѓаните велејќи им дека ја разбира причината за нивната бројност, а тоа е подготвеноста да го бранат она кое СДСМ го градеше со генерации.
„Тука сме затоа што нешто длабоко во нас нѐ тера да не молчиме. Нѐ тера да зборуваме кога ќе видиме неправда. Нѐ тера да се исправиме кога ќе почувствуваме дека некој го руши она што со генерации сме го граделе. А денес, токму тоа се случува. Оваа власт не ги решава проблемите на луѓето туку ги игнорира. Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста. И тоа нѐ боли. Нѐ боли затоа што гледаме дека ова не е Македонија што ја заслужуваме. Ниту Битола каква што ја замислуваме“, рече претседателот на СДСМ.
Притоа Филипче рече дека Битола е оставена на маргините. Како град кој е препознатлив по културата, по историјата, по урбаниот дух денеска се гуши во застој и запустеност поради неспособноста на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектите стојат, улиците пропаѓаат, а младите си заминуваат. Нема визија, нема стратегија, нема ниту основна одговорност. Но битолчани не се луѓе што молчат. Никогаш не сте молчеле кога вредностите биле нападнати. Битола никогаш не била нем набљудувач туку секогаш била двигател на промена“, потенцираше Филипче.
„Затоа од овде пораката што ќе се слушне низ цела Македонија е: СДСМ се враќа! Се враќа со јасна визија, со длабока самосвест и со поголема одговорност. Се враќа со работа со чесни ветувања и со луѓе што знаат што значи да се биде на страна на народот. Луѓе што се тука да служат, а не да владеат“, рече Филипче во Битола.
Според него, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, за година и пол ја заглави економијата и го уназади напредокот на државата.
„Мицкоски не ја носи државата напред туку ја влече назад. Во конфликти, во реваншизам, во поделби. И секогаш кога е соочен со критика заради својата неспособност вината е кај некој друг. Ова е политички кукавичлук“, рече Филипче.
Претходно карванот на СДСМ беше во Ресен. Филипче таму изјави дека „изминатите 4 години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт не донесоа ништо добро за државата и граѓаните, резултатот им е чиста нула. Ниту еден нов проект, ниту една инвестиција, ниту една реална мерка што го подобрува животот. Застој, запуштени општини, заборавени граѓани. И овде во Ресен многу јасно се гледа нивното неработење. Погледнете го Ресен денес после 4 години, што ветуваа, а што се направи“, рече Филипче.
„Ова ‘ништо’ и нула сработено не смее да продолжи и следните четири години да го уништува Ресен, да го уништува регионот и да ги брка младите од градот. Не смееме да го оставиме Ресен на неспособни и неодговорни кадри кои забораваат и не се грижат за нивните сограѓани“, порача Филипче. На собирот се обрати и кандидатот за градоначалник на Ресен, Александар Бузлевски.