Филипче очекува ефекти од мерките и намалување на пациентите по две недели

Фото: Б. Грданоски

Во наредните две недели се очекува воведените мерки да дадат ефект и бројките на новозаразени од Ковид-19 да стабилизираат.

– Очекуваме дека пред нас е период, во следните недела до две, во коијшто дефинитивно ќе ги видиме ефектите од рестриктивните мерки. Очекуваме бројот на новодијагностицирани пациенти во тој период да се стабилизира и за во тој период после тоа бројката да се намалува, изјави Филипче при посеата на гостиварската болница.

За вклучување на средношколците по медицина во здравствениот систем, Филипче рече дека разговарале уште неколку пати со дел од родителите на учениците од Средното медицинско училиште, како и со директорката на училиштето.

– Една од опциите е тие да се вклучат и да се поддржи работата во одделенијата каде не се третираат ковид пациенти за поискусните медицински сестри да работат со ковид пациентите, рече Филипче.

Многумина, по вчерашната најава на министерот за можноста средношколците од четврта година од средното медицинско училиште да бидат вклучени во помагање околу болните, реагираа дека децата ги фрлаат во оган.

– Вчера во текот на денот стигнаа реакциите. Следните неколку денови ќе се донесе дефинитивна одлука која нема да биде наметната секако во договор со сите чинители, додаде Филипче по посетата на Општата болница во Гостивар, каде беше придружуван од првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.