Филипче: Нино Васев е професионалец кој помагал секому


Фото: Б. Грданоски

Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа со сослушување на поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи го праша поранешниот министер Филипче дали директорот на Клиниката Нино Васев работел етички, на што Филипче одговори дека се работи за врвен професионалец кој помагал секому, а доколку некој се сомнева дека тој сторил кривично дело, тоа може да се истражи. 

Филипче пред пратениците кажа дека не бил запознаен со КАТО-системот кој со години е неупотребуван на Онкологија.

За време на неговиот мандат, немало пропусти во работата на Клиниката тврди Филипче.

Прашан за паралелен увоз на лекови и дали е запознаен дека се увезувале и фалсификат лекови, Филипче одговори дека од 2018 година во Македонија се носат лекови со европски сертификат.

Покрај Филипче, денеска пред членовите на Комисијата треба да биде сослушан и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити. 

Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот министер за здравство Беким Сали.  

За овој случај, Јавното обвинителство води истрага, а групи пациенти и членови на семејствата на починати од рак протестираат барајќи одговорност.