Филипче: Никој нема да остане без лекарска заштита


Претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност  апелираше да се почитуваат сите мерки за заштита од корона вирусот, зошто ситуацијата, како што рече, е исклучително сериозна, човечките и материјални ресурси се искористени до максимум и во отсуство на вакцина или лек нема друга алтернатива. Тој  нагласи дека сите корисни предлози во справување со Ковид-19 ќе бидат прифатен, дека ниту во Владата, ниту во Министерството за здравство, ниту во Комисијата за заразни болести не е собран сиот ум и  затоа секоја критика, издржан предлог, е добродојден.

-Сите корисни идеи и предлози да бидат прифатени – истакна Пендаровски.

Тој додаде дека очекува ситуацијата да не се користи за политички поени, бидејќи така сите ќе сме губитници. Пендаровски наедно му оддаде признание на медицинскиот персонал.

„За жал, сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува, секојдневно имаме значителен број на заболени, а бројот на оние чии животи згасна поради КОВИД-19 исто така е во пораст““, додаде Пендаровски.

Тој додаде дека поради есенскиот бран на пандемијата здравствениот систем се реорганизира, се ангажираат дополнителни капацитети, се прават максимални напори да се тестираат што е можно повеќе лица и да се згрижат и третираат што е можно повеќе пациенти.

-Не очекувам и мислам дека никој не очекува оваа ситуација да се користи за добивање на политички поени, затоа што не знам како некој воопшто мисли да добива политички поени кога реално сите сме губитници со високите бројки на заразени и починати на наши сограѓани кои ги бележиме секој ден, истакна Пендаровски.

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека целиот Клинички центар е во мобилизација, дека  утре има состанок со директорите на сите клиники и дека сите вработени ќе работат во дополнителните капацитети.Во другите болници ослободени се интерните одделенија, така што тој порача дека граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи  никој нема да остане без лекарска услуга и заштита. Тој апелираше да се почитуваат мерките кои се применуваат всушност во цела Европа. Тој потвди дека 56 приватни интернисти се подготвени да се вклучат во справувањето со епидемијата.

-Со оглед на тоа што модуларната болница е речиси исполнета, обезбедени се дополнителни болнички легла на Институтот за белодробни заболувања, во рамките на повеќе интерни клиники, како и на клиниките за дерматологија и за неврологија, каде има пристап до централен довод на кислород, истакна Филипче.

Околу дилемата дали повторно ќе се затворат границите со Косово и други држави, Филипче рече нема голем број на случаи кои значат влез на вируси од странство и дека проблемот е во локалната трансмисија, така што сите мерки се фокусирани да се спречи таа.

Пендаровски потврди дека не било отворено вопшто прашање за вонредна состојба и рече дека место за таа тема е Парламентот. Тој наедно ја отфрли можноста дека тоа може да биде решение за здравствената криза.

-Претходно прогласивме вонредна состојба, но сега тоа не е потребно бидејќи имаме функционално Собрание. Претходно тоа се направи за да може Владата, наместо Собрането, да носи закони. Не ни е потребна вонредна состојба за да прогласиме полициски час, едното со другото не е поврзано, истакна Пендаровски.

Тој додаде дека и без вонредна состојба, армијата е ангажирана во некои земји, а истото можеме да го сториме и ние.

-Армијата е ангажирана во некои земји. Работат дури и епидемиолошки анкети. Доколку е потребно и јас ќе дозволам ангажирање на војниците, односно армијата да биде логистичка потреба, истакна Пендаровски.

Ист став искажа и Филипче според кого здравствениот систем од крајот на февруари и почетокот на март е во вонредна состојба.

„На почетокот беше став на сите земји дека рестрикција на вирусот целосно ќе го сузбие вирусот, но тоа не се случи. Мора да се живее со вирусот и рестрикцијата на движење нема да има ефект. Мерките се задолжително носење на маски и забрана за групирање, но да живееме нормално”, додаде Филипче.

И премиерот Заев појасни дека вонредна состојба нема врска со полициски час и карантин.

„Вонредна состојба обично се носи кога треба брзи реакции и брзи одлуки. Мене ме плаши неотворената можност за онлајн работење на Парламентот. Досега од конституирањето на парламентот имаме повеќе од 10 отсто пратеници кои се заразени, во изолација или имаат близок член на семејството кој е позитивен”, вели Заев.

Околу барањето за оставка на Комисијата за заразни болести претседателот Пендаровски рече дека секоја добронамерна критика која може да помогне е  добредојдена и  дека нема предрасуда во однос на идеи кои доаѓаат надвор од оваа владеечка структура. Заев дополни дека огромен процент од  времето во власта го посветуваат на ковид кризата, дека силен бран го зафати целиот свет и ја поздрави поддршката во Собранието за новите мерки.  Но, тој  го повика Мицкоски да биде одговорен бидејќи ги става граѓаните во опасност создавајќи конфузија.

-Ако сите заедно бидеме одговорни и посветени подобро ќе се справиме со Ковид кризата, рече Заев.