Филипче: Ние сакаме напредна држава, власта ја гледа како плен
Не сме исти, рразликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во односот кон државата и приоритетите – СДСМ сака политики за подобар животен стандард, плати и пензии, додека власта ја гледа државата како плен, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„Не сме исти со организираната криминална група на Христијан Мицкоски. Напротив, дијаметрално сме спротивни. Ние сакаме напредна држава во којашто секој ја гледа иднината, а не ја гледаме државата како што тие ја гледаат – како плен“, рече Филипче.
СДСМ има подготвен тим, програма и програмска платформа, а во септември ќе го претстави Мастер планот за Македонија со конкретни решенија за најважните проблеми на граѓаните,
„Имаме спремен тим, имаме спремна програма, имаме спремна програмска платформа и во текот на септември ќе го објавиме нашиот Мастер план за Македонија. Станува збор за план од пет-шест точки во коишто граѓаните ќе знаат, доколку ни дадат доверба, што ќе се случува во следниот период од две години. Сакаме да имплементираме политики за доброто на граѓаните, со стандард, плати, пензии, училишни, студентски додатоци, а не да купуваме нов авион како што сака Христијан Мицкоски“, потенцираше претседателот на СДСМ, Филипче.
Тој направи споредба и со мерките што ги преземаше претходната влада во услови на ковид и енергетска криза, кога, како што рече, со две милијарди евра помош биле поддржани граѓаните и компаниите, зачувани десетици илјади работни места и субвенционирана електричната енергија за над 600.000 семејства.
„Луѓе со социјални случаи, пензионери, млади луѓе добиваа пакети, мерки. Така се менаџира кризата. Што имаме сега? Која категорија на граѓани е заштитена? Ниту една. Во тоа време, во кризата, континуирано растеа платите. Минималната плата се зголеми три пати. Сега не сака да ја зголеми премиерот на 600 евра, а вика дека сме трета економија во Европа. Па, ја кажува ли вистината? Очигледно дека не ја кажува“, рече Филипче.
Тој зборуваше и околу затворањето на случајот со модуларната болница без обвиненија, оценувајќи дека очекувал таков исход бидејќи знае како работел, но дека ВМРО-ДПМНЕ си играла со чувствата на роднините на загинатите.
„Многу ми е жал за луѓето што загинаа таму, за семејствата. Навистина сочувствувам, тоа го чувствувам и денес и веројатно тоа така ќе биде секогаш. Тогашната опозиција, сега моменталниот премиер Христијан Мицкоски, го искористи. Нему му требаше некој да го прикаже како убиец. Со неговиот главен ПР советник смислија таква кампања, да ме нарекуваат убиец, доктор Менгеле, доктор смрт и како не. И тоа траеше пет години“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека по одлуката на обвинителството целата политичка конструкција на ВМРО-ОКГ падна во вода и побара извинување, кон семејствата на загинатите.
„Тие се возеа на таа приказна која сега им падна во вода. Побарав да се извинат. Не на мене, затоа што знам дека од такви луѓе такво извинување никогаш нема да дојде. Ниту сакам. Затоа што ниту имаат емпатија, ниту сочувство“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче нагласи дека никогаш нема да ги користи трагедиите за политички пресметки и дека Мицкоски и ВМРО треба да одговорат за начинот на кој ја користеле болката на семејствата за политички поени.
„Нема да ги злоупотребувам ниту чувствата, ниту жалот којшто го носат со себе семејствата на луѓето. Но барам да се извини и Христијан Мицкоски и криминалната група на ВМРО на семејствата, затоа што ја злоупотребија емоцијата, жалот којшто го чувствуваат тогаш и сега сè уште и на тоа сакаа и добиваа политички поени“, рече Филипче.
Во однос на новите закани од Мицкоски, Филипче рече дека тие се одраз на слабост и страв.
„Тоа не е првпат тој да се заканува. По којзнае кој пат се заканува, се закануваше на собраниска говорница, на јавни настапи, прес-конференции, каде и да оди. Зошто? Затоа што е слаб и уплашен“, рече Филипче.
„Одговорноста ќе го стигне откако власта ќе ја вратиме во рацете на народот. На човек којшто нема резултати, којшто ништо не изменаџирал како што треба и нема резултат ниту во економијата, ниту во земјоделието, ниту во образованието и здравството, ниту во реформите, ниту во надворешната политика, што му останува освен да се заканува“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче ги отфрли шпекулациите за каков било какви политички договори околу затворањето на предметот и ги оцени како апсурдни.
„Има два апсурди. Првиот апсурд, ако тој предмет е почнат за времето на СДСМ, зашто требало да се чека ВМРО да го затвори и така да има некаков договор, па тој ќе се затворил ако нешто се влијаело во тој дел во времето на СДСМ. И вториот апсурд, јас сум професор по неврохирургија, имам мои пациенти, имам мои студенти со коишто комуницирам секојдневно. Зарем јас би влегол во некој таков договор и би дозволил пет години некој да ме нарекува убиец за некој после да ми помогне во нешто? Тоа е целосно апсурдна ситуација“, рече Филипче.
Според него, со затворањето на предметот за модуларните болници, обвинителството потврдило дека немало злоупотреба на службената должност ниту штета на Буџетот.
„Јас знаев како сум работел. Знам како сум работел без коруптивни практики, како во рамките на мојата работа на клиниката со пациенти, така и додека сум бил министер. Обвинителството вчера кажа дека немало прекршување на службената должност, дека немало штета на Буџетот“, речеФилипче на Сител Телевизија.