Филипче: Нема заразени од корона меѓу оние што ги почитувале мерките


Фото: Б. Грданоски

Не постои ниту еден единствен анкетен епидемиолошки податок кој што укажува дека некој се заразил со корона вирусот ако ги почитувал мерките, рече министерот за здравство, Венко Филипче, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

„Секаде каде што анализиравме и направивме увид или не се носеле маски или имало голем собир, со огромен број луѓе на мала дистанца, или дистанцата не се почитувала во рамките на некој семејни настани. Ова е уште еден показател дека за да се заштитиме е почитувањето на овие протоколи. Проблемот потекна од 15 до 20 семејства во Скопје и останати 20 во други делови од Тетово и Куманово. Од тука се тие жаришта од кои 65 до 70 проценти се во рамки на овие кластери, а 30 проценти се контакти надвор од кластерите“, рече министерот Филипче.

Тој исто така одговараше на прашања зошто се не воведе целосен карантин за одредени општини во рамки на град Скопје, при што наведе дека во време кога имаше рестрикција на движењето започна бранот и донеле заклучок дека повторно воведување на такви мерка нема да дадат ефект.

Филипче соопшти дека една третина од починатите доцна дошле на лекар. Тој вели дека огромен број случаи со Ковид-19 се дијагностицирани пост мортем. Брисеви се земани од лица кои починале во болница на денот на прием, после неуспешната реанимација, за да се знае дали биле носители на тој вирус или не, сѐ со цел да имаат податоци како да пристапат со семејствата. Ваквиот начин на делување, според министерот Филипче, го подигнал бројот на починати лица.

„Ниту една земја во светот тоа не го прави. Ние сметавме дека треба да бидеме чесни и да знаеме како да направиме добро за членовите на нивните членови, исто така за да ја знаеме вистинската епидемиолошка слика во нашата земја. За жал, има голем процен на лица кој доаѓат доцна во болница и смртен исход имат помеѓу првиот и петтиот ден. Доаѓаат со лоша клиничка слика, има и пациенти кои потпишале дека не сакат да се лекуваат во болница, па после доаѓат во крајните стадиуми на болеста и тука, за жал, не може повеќе да се постигне. Третина од починатите лица доаѓат доцна во болницата. Одговорно кажувам дека за секој пациент е апсолутно сѐ направено, од анализи, до терапија и сѐ друго“, рече Филипче.