Филипче: Нема потреба од ангажирање пензионирани лекари и асимптоматски болни лекари


Фото: Б. Грданоски

Дури и да се отвори новото крило во струмичката болница ќе нема доволно персонал да работи во него, постојано предупредува директорот на болницата Наќе Гогов, но министерот за здравство Венко Филипче, вели дека со принципот на ротација се обезбедува доволно кадар, таму каде се отвораат нови капацитети.

– Проблемот со кадар е присутен на територијата на цела држава. И сите болници дури и во Скопје го имаат проблемот во сите клиники. Има само 50-тина инфектолози. Затоа дојдоа на помош од другите градови интернисти и пулмолози кои дојдоа и помагаат на своите колеги на скопските клиники – рече Филипче. Додаде дека  овој проблем го има и во регионот, а разговарале со колегите во Бугарија и кај нив било исто.

Одогварајќи на прашање дали планираат да ги повикаат пензионираните лекари на помош, Филипче вели дека за сега нема потреба од нив.

– Во овој момент нема невработен или неангажиран лекар. Сите млади лекари лиценцирани веќе се вклучени и помагаат во некоја област. Ние направивме состанок со приватните лекари 55 лекари приватни интернисти, десетина веќе се пријавени и се ставија во функција. Во таа смисла нема потреба од пензионираните лекари. Некои ги враќаат на работа лекарите кои се дијагностицирани со Ковид-19, а се асимптоматски. Кај нас сè уште нема потреба од нивно ангажирање, ниту од пензионираните лекари – рече Филипче, денеска од Струмица, каде премирот Зоран Заев и неговото семејство донираа амбулантно возило на струмичката болница.