Филипче: Нема нови тестирани лица за корона вирус – апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита на здравјето

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на редовната прес конференција за состојбата со корона вирусот, информираше дека во текот на изминатото деноноќие нема нови тестирани лица за корона вирусот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

„Стабилна е состојбата на пациентката, која е прв и единствен случај со корона вирус во земјава и како што вчера информиравме, нејзиниот контролен тест е негативен, но за тоа да се потврди треба да поминат 24-48 часа. Согласно препораките и проценката на клиничката состојба и параметрите, тоа ќе се изврши денеска или во текот на утрешниот ден, по што ќе ја информираме јавноста. Тоа значи дека доколку контролниот тест е негативен, таа повеќе не е инфективна, односно повеќе не може да ја пренесе болеста“, истакна министерот Филипче.

Тој потсети дека двајцата странци кои вчера беа тестирани, а неколку дена престојувале во хотел во Скопје, се негативни за корона вирусот. Воедно, странците по направените тестови се прегледани на Клиниката за инфективни болести, и со соодветна терапија за нивната здравствена состојба и се пуштени од клиниката.

Исто така, министерот посочи дека од вчера попладне со помош на мобилните оператори сите странци што доаѓаат во нашата земја добиваат текстуална СМС порака во која стои дека доколку почувствуваат некакви симптоми слични на грип за време на престојот, треба да се јават на телефонот на Институтот за јавно здравје.

„Денеска добивме информација од една наша туристичка агенција дека се очекува група од 20-тина туристи, коишто преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир ќе пристигнат во нашата земја. Тие туристи се од Сингапур и Јапонија. Известен е локалниот Центар за јавно здравје што ќе го пречека автобусот. Патниците ќе бидат детално интервјуирани, по потреба и прегледани. Тие доаѓаат од Романија каде веќе има регистриран случај, и тоа е причина за да бидеме повнимателни“, рече министерот.

Министерот Филипче информираше дека за денеска е закажана седница на Владата, на која ќе се дискутира за предлогот од Министерство за здравство по препораката од Комисијата за заразни болести и Комитетот којшто ги следи состојбите во врска со корона вирусот, за продолжување на препораката за неодржување големи масовни јавни собири и одржување на спортските натпревари без публика.

Во Европа бројот на заразени расте и се регистрирани над 5.000 случаи. Во околните земји во Србија е регистриран првиот случај, а во Албанија, Косово и Црна Гора нема случаи.

Министерот го повтори апелот граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита и превенција, одржување лична хигиена, темелно миење и дезинфекција на рацете, а воедно информираше дека дистрибуцијата на дезинфекциски средства низ училиштата веќе е почната. Вчера беа дистрибуирани количините во скопските училишта, а денес продолжува дистрибуцијата во другите училишта низ државата.

„Разговарав со нашиот конзул од Италија кој овие денови е во нашата земја, меѓутоа има секојдневна комуникација со италијанските власти. Таму се размислува да се затвори уште еден регион на Пјаченца. Веројатно одлука ќе се донесе денеска или во текот на викендов. Се трудиме да направиме контакт со што повеќе наши граѓани за да не информираат однапред доколку планираат да дојдат во земјава. Во секој случај продолжуваат мерките и за секоја следна информација јавноста навремено ќе биде информирана“, истакна министерот за здравство д-р Венко Филипче.