Филипче: Не сум изморен, секој ден е нова борба


Министерот за здравство, Венко Филипче, вечерва изјави дека не е изморен од долготрајната борба со корона вирусот, одговарајќи на забелешките на многумина во здравствениот систем дека нивните сили полека се губат.

„Не сум изморен, затоа што секој ден е нова борба и тоа ни дава сила и ентузијазам за да истраеме и да успееме“, рече Филипче во интервјуто во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Тој рече дека е многу горд на здравствените работници затоа што се престороиле за многу брзо време за ситуација која дотогаш никој не ја познавал.

„Кога почна оваа криза, ова беше нешто што ниту една земја во светот не го очекуваше, не беше подготвена за ваква криза, за оваа нова  болест, многу непозната. Каква е болеста, како се пренесува, какви карактеристики има, зошто кај некои пациенти има една клиничка слика, а кај некои пациенти друга. И мислам дека многу брзо и сосема навремено изреагиравме“, рече министерот Венко Филипче.

Никаде во светот здравствениот систем не беше подготвен да одговори адекватно на ваков предизвик. Според него, Македонија одговори соодветно, иако сега изгледа дека капацитетите се преоптоваруваат, а монтажната болница ќе помогне да се хоспитализираат пациентите.