Филипче: Не смееме да дозволиме правдата што ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на СДСМ Венко Филипче излезе со реакција на најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.

-Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта, објави Филипче на неговата Фејсбук страница.

Тој наведува дека СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието.

-Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери, напиша Филипче на Фејсбук. 

Претходно, премиерот најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.

– На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македониjа мора да победи!, објавено е на официјалниот фејсбук профил на премиерот Мицкоски.

Спроведување на коренити реформи во правосудството и распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, беше едно од ветувањата во предизборната програма и клучен приортитет на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.