Филипче не сака карантин за новогодишните празници, само рестрикции за угостителите


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека за време на новогодишните и божиќните празници граѓаните мора да внимаваат бидејќи собирите се голем ризик и можат да предизвикаат мини кластери, но дека не е потребен карантин, рече во  денешното гостување на Сител.

Филипче најави дека на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира за работното време на угостителските објекти за време на празниците.

„Сакам да упатам една порака до граѓаните, дека ова е еден голем ризик. Собирите за време на новогодишните празници се огромен ризик да се појават мини кластери кои дополнително ќе го оптоваратздравствениот систем. Ние предложивме да има дополнителни мерки и на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести ќе дискутираме за работно време на угостителските објекти“, вели Филипче.

Во однос на карантин и полициски час за време на празниците Филипче смета дека нема да има потреба бидејќи донесените мерки добро функционираат и веќе има намалување на факторот на преносливост и бројот на пациенти низ болниците.