Филипче: Не очекуваме поголем наплив на пациенти за прием во болница

Фото: Б. Грданоски

Трендовите се уште се во насока на приближно ист процентот на новодијагностицирани од вкупниот број тестови и ист процентот на хоспитализирани пациенти од вкупниот број на новодијагностицирани. Капацитетот во болниците се менаџира добро и во однос на кадарот со ротација и во однос на слободни кревети, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Здравствениот дом во Свети Николе.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на бројот на заразени со коронавирусот Филипче рече дека не очекуваат некакво изненадување во смисла на поголем наплив на пациенти кои би биле за прием во болница.

– Во таа смисла продолжува со ист интензитет работата на епидемиолозите на терен. Интензивно тестирање согласно индикацијата, интензивно следење на контактите и нивно ставање во изолација, нагласи Филипче.

Тој соопшти дека на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести ги анализирале податоците од претходните две недели, и како што рече, минатата недела има нешто поголем број на Ковид дијагостицирани, но не поголем од претходните три недели.

– Во ГОБ „8 Септември“ повеќе денови по ред има помалку од 100 пациенти кои се третираат, 80 се позитивни, за другите се чека резултат во наредните денови. Има слободни кревети и на Инфективната клиника и на другите инфективни одделенија во општите болници општи ширум државата, посочи Филипче.