Филипче не гледа потреба од полициски час и продолжување на вонредната состојба


Фото: Б. Грданоски

Иако Комисијата за заразни болести препорача воведување полициски час од 22 часот до 5 наутро, Владата одлучи да не воведува карантин, а министерот за здравство  Венко Филипче смета дека нема потреба од воведување полициски час.

– Засега нема потреба од воведување на полициски час. Со засилените контроли на терен и правењето на анкети при кои се одредуваат контактите, кластерите се познати, воедно во Штип се воведе еден вид мерка во која беше донесена одлука конфекциите да се затворат. Забележавме дека и за време на полицискиот час не се почитуваа мерките и имаше голем број на заразени. Сега полицискиот час е модифициран и ја следиме ситуацијата – изјави министерот Венко Филипче.

Тој смета и дека нема потреба од продолжување на вонредната состојба.

Денеска беа регистрирани 175 нови случаи од Ковид-19, но Филипче смета дека бројот на новозаболени се должи на непочитување на мерките.